Согласно Одлуката на Владата на РМ за доделување на средства за финансирање на проекти за развој на планските региони во 2011 година, еден од проектите кој ќе се имплементира во Скопскиот плански регион е: Изработка на проектна документација за каналски ситем „Скопско Поле“. Носител на проектот е Центарот за развој на Скопски плански регион а ќе се имплементира во партнерство со општините: Илинден, Зелениково, Петровец, Арачиново и Гази Баба.
Со цел подобрувањето на условите на живеење на граѓаните, заштитата на земјоделските површини и материјални добра од поплави предизвикани од обилни врнежи, се одржа работна средба на која присуствуваа: Раководителот на Центарот за развој Скопски плански регион, Анета Лозаноска, градоначалниците на општините Гази Баба, Илинден и Арачиново, Тони Трајковски, Жика Стојановски и Бастри Бајрами, претставници од општините Петровец и Зелениково, како и Директорот и претставници од ЈП Водостопанство ”Скопско Поле”.
На работниот состанок се дискутираше за реалната состојба на функционирањето на каналскиот систем „Скопско Поле“, проблемите со кои се соочуваат општините од овој дел на Скопскиот регион, како и за потребите на ЈП Водостопанство „Скопско Поле“ за подобрување на ефикасноста на функционирање на каналскиот систем за одводнување.
Присутните претставници на состанокот заеднички ги координаа активностите и ги утврдија приоритетните насоки на кои треба конкретно да се интервенира преку изработка на проектна документација за каналскиот систем.
Исто така, на средбата се постигна согласност и се воспостави позитивна соработка помеѓу градоначалниците и претставниците од ЈП Водостопанство „Скопско Поле“, каде се утврдија следни чекори за превземање на заеднички активности на терен.
No comment yet, add your voice below!