Скопскиот плански регион го опфаќа басенот на Скопската котлина и зафаќа вкупна површина од 1812 км2 или 7% од територијата на Република Северна Македонија. Овој регион опфаќа 17 општини од кои 10 се дел од градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Градот Скопје е составен од следните општини: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари.

Скопскиот плански регион има вкупно 578.144 жители. Густината на населеност изнесува 319 жители/км2 и е четири пати повисока од просекот на земјата (81 жители/км2). Во градот Скопје е концентрирано околу 88% од населението во регионот, односно 25,1% од вкупното население во земјата што укажува на огромната концентрација на населението во скопската агломерација.

ВИЗИЈА

Скопскиот плански регион е конкурентен регион во ЈИЕ со препознатлив потенцијал за инвестиции и развој во функција на подигање на стандардот и квалитетот на живот на граѓаните и искористување и заштита на природното и културно наследство рамномерно во регионот.

Развојни карактеристики на регионот

  • Економски карактеристики
  • Социјален развој
  • Инфраструктура
  • Туризам и култура
  • Животна средина
  • Земјоделство и рурален развој

Природни ресурси

Земјоделското земјиште во Скопскиот регион зафаќа површина од  79.571ха ( 6% од вкупната земјоделска површина во земјата), од кои 40.900ха (51%) се пасишта. Вкупната површина под шуми изнесува 76.636ха (7.5% од вкупните шуми во Република Македонија) што претставува 42% од вкупната територија на регионот.

Од досега истражените рудни наоѓалишта најважно економско значење имаат лежиштата на хромни руди во Радуша (во општина Сарај), а од неметалните оруднувања најзначајни се украсните камења и травертините во Кучково и Свиларе. Посебно минералошко значење имаат термалните и термо-минералните води во Катланово, кои даваат можност за развој на банскиот туризам на ова подрачје.

Главен воден ресурс во Скопскиот плански регион е реката Вардар, со притоките Треска, Лепенец, Пчиња, Маркова и Кадина Река. На реката Треска подигнати се две акумулации Матка 1 и Козјак, а во изградба е и Матка 2. Покрај хидроенергетскиот потенцијал, Треска и Кадина река со своите амбиентални убавини нудат извонредни услови за рекреација и развој на туристичко-угостителски содржини.

Природно и културно-историско наследство

Од природното и културно-историското наследство во Скопскиот плански регион, по својот туристички потенцијал посебно се издвојуваат археолошкиот локалитет Скупи, тврдината Кале, аквадуктот, старата градска чаршија во градот Скопје, бројни цркви и манастири, како и неколку природни резервати и споменици на природата, од кои најголем туристички потенцијал имаат Матка и езерото Треска.

Економски карактеристики

Скопскиот регион е далеку најразвиениот регион во Република Македонија и учествува со дури 47% во создавањето на македонскиот БДП.
Најзначајни сектори во регионот се прехранбената индустрија, текстилната, печатарската, металопреработувачката, градежништвото, угостителството, трговијата, транспортот и деловните услуги. Носители на економскиот развој во Скопскиот регион се големите претпријатија кои доминираат со околу 51% во вкупното производство во нефинансискиот сектор, а следат малите и средните претпријатија со учество од 36% и 13%, соодветно. Сепак, во поглед на вработените доминираат малите претпријатија со учество од 51% во вкупниот број вработени.

Според официјалните статистички податоци, услугите доминираат со 60% во производството и 52% во вработувањата, а следи индустријата со 30% и 34%, соодветно. Земјоделството учествува со 1% во производството и 3% во вработувањата што упатува на релативно малото значење на земјоделството како примарна гранка, меѓутоа има значење од аспект на концентрацијата на големи преработувачки капацитети од прехранбената индустрија во овој регион.

Условите за развој на земјоделството во Скопскиот плански регион се прилично лимитирани заради високото ниво на урбанизација на регионот и големата фрагментираност на земјоделските посеви што не оди во прилог на развивање на интензивно земјоделско производство.

Во овој регион главно се застапени житните култури и во извесна мера лозарството, додека индустриските култури се многу малку застапени и нема поголеми потенцијали за нивно ширење. Карактеристично за овој регион е што потенцијалот за развој на градинарството што го детерминира побарувачката на најголемиот пазар во земјата не е доволно искористен, иако подрачјето климатски одговара за овој тип култури. Што се однесува до сточарството, не е доволно развиено иако постои висока побарувачка за сточарски производи од страна на преработувачките капацитети.

Комунална инфраструктура

Скопскиот плански регион има 1120 км водоводна мрежа која е претежно лоцирана во урбаните центри на општините. Врз основа на податоците од пописот 2002 година 97.2% од домаќинствата во овој регион се снабдени со вода за пиење. Во овој регион има 723км колекторска и градска мрежа која претежно е лоцирана во урбаните центри на општините. Покриеноста на населението со канализациона мрежа во урбаните средини се движи 85% во Скопје, додека  во руралните средини се движи од 0% (септички јами или директни испусти) до 80%.

Депонирањето на цврстиот комунален отпад во Скопскиот плански регион се врши на единствената санитарна депонија „Дрисла“, која барем минимално ги задоволува основните санитарно-технички стандарди за безбедно депонирање на отпадот. Покрај „Дрисла“, на територијата на Скопскиот плански регион постојат неколку општински депонии кои не се евидентирани согласно Националниот план за управување со отпад.

Сообраќајна инфраструктура

Постојната патна инфраструктура во Скопскиот плански регион се состои од околу 935км локални патишта, 67км магистрални, 324км регионални патишта и 86км автопат. Патната мрежа во овој регион е добро развиена, меѓутоа постојната состојба на дел од регионалните патишта (Р-103: Скопје – Петровец – Катланово, Р-117: Скопје – Зелениково и Р-403: Ѓорче Петров – Јегуновце) може да се оцени како лоша. Низ овој регион е планирано да поминуваат двата европски Коридори 8 и 10, што ќе придонесе за подобрување на состојбата. Обиколница на Скопе е дел од Коридорот 8 и е веќе во функција.

Скопскиот плански регион, поточно градот Скопје претставува централен железнички јазол. Вкупната должина на железничката мрежа е 94.78м, од кои 37.3км се дел од Скопскиот железнички јазол, 31.68км е должина на линијата Скопје – Волково – граница со Србија, 18.8км се дел од железничката линија Табановце – граница со Србија и 7км се дел од линијата Скопје – Кичево.

Во поглед на воздушниот транспорт, во Скопскиот плански регион е лоциран еден од двата национални аеродроми – „Александар Велики“ што е од исклучително значење за функционирањето на регионот како стопански и административен центар на земјата. Во овој регион има и еден спортски аеродром од класа А, лоциран во близината на Скопје. Во Скопскиот плански регион е лоциран еден патен и еден железнички премин со Србија, како и еден граничен премин лоциран на аеродромот „Александар Велики“.

Посебно значајно за Скопскиот плански регион е што низ него поминува гасниот цевководен систем кој е лоциран на Коридорот 8. Вкупната должина на цевководот е 98км, од кои 18км поминуваат низ Скопскиот регион. Исто така, дел од нафтоводот Солун – Скопје поминува низ овој регион.

Енергија

Вкупната просечна годишна потрошувачка на електрична енергија во Скопскиот плански регион во периодот 2003-2006 година изнесува 1711GWh (околу 35.8% од вкупната потрошувачка во РМ) што претставува највисока потрошувачка во однос на другите региони како резултат на високата концетрираност на економските активности во овој регион. Покрај на електрична енергија, овој регион се јавува и како најголем потрошувач на другите видови на енергетски суровини – јаглен, нафтени деривати и гас.

Што се однесува до енергетските можности, во овој регион е значаен хидропотенцијалот на реката Треска преку ХЕЦ Козјак, ХЕЦ Св. Петка (која е во изградба) и ХЕЦ Матка. Со овие три хидроцентрали е заокружен инвестициониот зафат за искористување на енергетскиот потенцијал на реката Треска.

Исто така, за регионот е значајна изградбата на гасната електрана ТЕ-ТО Скопје со комбинирано производство на електрична и топлинска енергија, како и планираното проширување на магистралниот гасоводен систем од јужната страна, со што би се обезбедил гас за индустриските капацитети и домаќинствата што несомнено ќе претставува еколошки подобро решение за индустрискиот развој во регионот и ќе обезбеди почиста животна средина.