Skip to content

IPA со сите компоненти

ДАТУМ

април 21, 2009

Категории

Инструмент за претпристапна помош – ИПА (2007-2013) 
Инструмент за претпристапна помош (ИПА) е дел од пакетот за надворешни односи. ИПА како и останатите елементи од тој пакет претставуваат голема можност за рационализирање и поедноставување на процедурите на Европската Комисија и подобрување на конхерентноста и координацијата на активностите на Комисијата.
Основната цел во текот на дизајнирањето на ИПА беше да се осовремени целокупната претпристапна помош под една единствена рамка, и да се обединат под иста регулатива и земјите кандидатки за членство (Хрватска, Турција и Република Македонија) и земјите потенцијални кандидатки за членство (Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора).
Така, ИПА ги замени инструментите: Помош за Полска и Унгарија за економска реконструкција (Фаре), Инструмент за структурни политики за претпристапување (ИСПА), Специјална програма за пристапување за земјоделство и рурален развој (САПАРД) и Инструментот за претпристапување на Турција, како и Помош на Заедницата за реконструкција, развој и стабилност (КАРДС).
Правната основа за ИПА е дефинирана со Регулативата (EЗ) бр. 1085/2006 НА СОВЕТОТ од 17 јули 2006 година, која го воспостави Инструментот за претпристапна помош (ИПА) во обид да се подобри ефикасноста на надворешната помош на Заедницата. Со цел подетално регулирање на процесот на спроведување на ИПА, e изготвена една единствена регулатива за спроведување што ќе ги опфаќа сите пет компоненти од Регулативата за ИПА, имајќи ги предвид посебните карактеристики на поединечните компоненти на ИПА: а тоа е Регулативата (ЕЗ) бр. 718/2007 од 12 јуни 2007 година за спроведување на Регулативата (ЕЗ) бр. 1085/2006 на Советот за воспоставување Инструмент за претпристапна помош (ИПА).
Спроведувањето на ИПА подразбира Комисијата и земјите кориснички да потпишат рамковни спогодби (РС/FА) со цел да ги утврдат принципите на нивната соработка според оваа регулатива. РМ и ЕК потпишаа рамковна спогодба, која, исто така, е ратификувана од Собранието на РМ на 30.01.2008 година, а стапи во сила на 04.03.2008 година – за првите 4 компонети.
ИПА е сочинета од следниве 5 компоненти:
Компонента 1 – Транзициска помош и институционална надградба
Компонента 2 – Прекугранична соработка
Компонента 3 – Регионален развој
Компонента 4 – Развој на човечки ресурси
Компонента 5 – Рурален развој
Стратегиска кохерентна рамка
 
 
Компонента 1 – Транзициска помош и институционална надградба
Помошта од Европската унија преку оваа компонента е всушност помош за градење на капацитетите на институциите и поддршка за исполнување на критериумите поврзани со усвојувањето на правото на ЕУ. Таа претставува и фонд со кој ќе се покриваат мерки од компонентите 3, 4 и 5, а воедно, преку оваа компонента се поддржува учеството на Република Македонија во програмите и агенциите на Заедницата.
Финансиската помош од оваа компонента се реализира како национална и регионална.
Национална програма – К1
Национална програма
Националната програма ќе ги поддржува следните главни области на интервенција/ приоритетни оски:

1. Добро раководење и владеење на правото/ политички критериуми,

2. Економски развој и социјална кохезија,

3. Способност за преземање на обврските за членство во ЕУ,

4. Поддршка за подготвување програми и учество во програмите на Заедницата.

Во рамките на првата област се поддржуваат реформите во јавната администрација; поддршка на процесот на децентрализација; преземање на заложбите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација; еднаква застапеност согласно со Охридскиот рамковен договор; реформата на полицијата во исполнувањето на Националната стратегија за реформи во полицијата; реформите во судството; борбата против дрога, корупција; континуирано управување во областа миграција, азил и визен режим и во целосно исполнување на Стратегијата за интегрирано гранично управување.
Истовремено, преку компонентата 1 ќе се поддржат областите на финансиско управување и контрола, процесот на децентрализирано управување со фондовите на Европската унија и создавање на вистинско партнерство помеѓу управата и граѓанското општество.
Во рамките на втората област за економски развој и социјална кохезија ќе се поддржи заокружувањето на реформите за регистрација на земјиштето и недвижнините, зајакнувањето на катастарот, контролата и супервизијата на финансиските пазари и подобрувањето на административните капацитети во областа на фискалната политика (на локало и централно ниво). Воедно, ќе се поддржат и мрежното информатичко поврзување со даночните системи во Европската унија, креирањето на сеопфатна трговска политика на Република Македонија, подобрувањето на регулаторната рамка за трговија и градење на капацитетите во областа на регионалната политика за спроведување на националните и регионални развојни планови.
На крај, во однос на преземањето на обврските од идното членство во Европската унија, компонентата 1 ќе ги поддржи областите: внатрешен пазар и конкурентност, информатичко општество, статистика, заштита на потрошувачите и здравјето, заштита на животната средина и царинската управа.
Процесот на програмирање на проектните фишеа под компонента 1 од ИПА се одвива на годишно ниво. Истиот се базира на Повеќегодишниот индикативен документ (МИПД) кој се одвива по правилото n+2.
Регионални и хоризонтални програми – К1
Регионални и хоризонтални програми
Освен Националната програма, во рамките на компонента 1 се врши и програмирање и на хоризонтални и регионални програми. Целта на овие програми е промоција на регионалната соработка и зајакнување на размената на култури и знаење помеѓу земјите кориснички, како и поддршка на иницијативи од заеднички интерес. Таа се фокусира на области како: демократија, стабилизација, политичка соработка, поддршка за спроведување на Пактот за стабилност за ЈИЕ, трошоци за функционирање на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Сектор 4 за УНМИК во Косово и други меѓународни административни организации. Во рамките на оваа програма влегуваат и активностите ТАЕКС и СИГМА.
Исто како и програмирањето на сите компоненти на ИПА, и оваа активност се гради во рамките на Повеќегодишниот индикативен програмски документ наменет за повеќе корисници (Multi Beneficiary Multi Indicative Programming Document). Програмирањето и управувањето со Програмата се врши од страна на Европската комисија, Генералниот директорат за проширување.
Регионалните и хоризонтални програми треба да бидат комплементарни на националните програми, и да можат да дадат поддршка во повеќе области и политики кои имаат регионално влијание. Активности како нуклеарна безбедност и радијациска сигурност, образование, даноци и царина, кои имаат директно национално влијание, ќе бидат програмирани во рамки на Регионалната и хоризонтална програма, но истите ќе бидат покриени од националниот пакет-средства, т.е од Националната програма за компонента 1.
врати се на почеток
Компoнента 2 – Прекугранична соработка 
Основна цел на компонентата за прекугранична соработка е да ја негува стабилноста, безбедноста и просперитетот што е заеднички интерес на засегнатите земји и да го охрабри прекуграничниот хармоничен, избалансиран и одржлив развој. Во рамките на втората компонента na ИПА, Република Македонија ќе продолжи со прекуграничната соработка со земјите членки на ЕУ – Република Бугарија и Република Грција, која се одвиваше во рамките на програмата КАРДС. Воедно, во рамките на оваа компонента, Република Македонија ќе оствари и прекугранична соработка со Република Албанија, а во блиска иднина и со својата северна граница. Конечно, Република Македонија ќе учествува и во Транснационалната програма за Југоисточна Европа, продолжение на програмата КАДСЕС.
Република Македонија и Република Бугарија
Специфични цели на Програмата се: забрзување на одржливиот економски развој во прекуграничниот регион, промоција на социјалната кохезија и прекугранична соработка, и развивање на привлечноста и квалитетот на живот во прекуграничната област. Заедничкиот технички секретаријат е лоциран во Ќустендил, а подрачната канцеларија е во Струмица. Во пограничниот регион учествуваат југоисточниот, североисточниот и источниот регион на македонска страна и округот на Благоевград и Ќустендил на бугарска страна.
Република Македонија и Република Грција
Специфични цели на Програмата се: економски развој на пограничните региони; унапредување на инфраструктурата за туризам и транспорт, како и подобрувања на животната средина и активности од луѓето за луѓето. Заедничкиот технички секретаријат е лоциран во Солун, а подрачна канцеларија има во Битола. Во пограничниот регион се вклучени пелагонискиот, вардарскиот, југоисточниот и југозападниот регион на македонска страна и регионите на Лерин, Пела, Серес и Солун на грчка страна.
Република Македонија и Република Албанија
Специфични цели на Програмата се: поттикнување на прекуграничниот економски, еколошки и социјален развој преку економски развој со акцент на унапредување на туризмот, одржлив развој на животната средина со акцент на заштитата, унапредувањето и управувањето на природните богатства и екосистеми и социјална кохезија и културна размена преку активности од луѓето за луѓето и од институции за институции. Заедничкиот технички секретаријат е лоциран во Струга, а подрачната канцеларија е во Елбасан. Во пограничниот регион се вклучени пелагонискиот, југозападниот и полошкиот регион на македонска страна и регионите на Дибер, Корча и Елбасан со на албанска страна.
Северна граница
Во однос на северната граница, средствата за прекугранична соработка со северната граница за 2007 година се префрлени во Програмата со Албанија. Средствата за 2008 година се додадени кон компонента 1 – фише за интегрирано гранично управување. Веднаш по целосното созревање на условите за програмирање на Оперативна програма за северната граница, Република Македонија ќе пристапи кон програмирање на Оперативната програма, со цел целата територија на Република Македонија да биде вклучена во ИПА-прекугранична соработка.
Транснационална програма за Југоисточна Европа
Транснационалната програма, главно, се фокусира на следните подрачја: иновации; животна средина; пристапност; одржлив урбан развој. Во рамките на глобалната цел на Програмата ќе се развиваат транснационални партнерства за работи од стратегиска важност заради подобрување на процесот на територијалната, економската и социјалната интеграција, и да се придонесе кон кохезија, стабилност и конкурентност.
врати се на почеток
Компонента 3 – Регионален развој 
Со компонентата за регионален развој се поддржуваат земјите за развој на политики, како и за подготовка за спроведување и управување со кохезивната политика на Заедницата, особено за нивна подготовка за Европскиот фонд за регионален развој и Кохезивниот фонд.
Цели на оваа компонента се:

•  Подготвување на земјите-кандидатки за програмирање, спроведување и управување со Структурниот фонд и Кохезивниот фонд.

•  Спроведување на проекти кои се во согласност со приоритетите на Заедницата и националните приоритети, особено во секторите на транспорт и животна средина.

Компонентата поддржува 3 главни области: транспорт, животна средина, регионална конкурентност, т.е.

•  Транспортна инфраструктура, која се фокусира на поврзување со ТЕН-Т мрежите;

•  Проекти од животната средина поврзани со управување со отпад, водоснабдување, градски отпадни води и квалитет на воздух, енергетска ефикасност, обновлива енергија и непречен урбан транспорт;

•  Преструктурирање на индустриските зони, вклучувајќи санација на загадените локации и земјиште;

•  Иновации и претприемништво, преку унапредување на малите и средните претпријатија (МСП), вклучувајќи зајакнување на регионалните капацитети за истражување и иновации, помош за унапредување на трансферот на технологии, развој на деловните мрежи и кластери;

•  Информатичко општество, вклучувајќи го развојот на локалните карактеристики, услуги и апликации, широко појасни мрежи, помош и услуги за МСП со цел да ги донесат и ефективно да ги применуваат информатичките и комуникациските технологии;

•  Социјална инфраструктура (образование и здравство), онаму каде што нивното отсуство претставува пречка за регионалниот развој.

Стратегиската цел на ОПРР е да се подобрат условите за одржлив развој на Република Македонија преку подобрување на транспортната и инфраструктурата на животната средина за подобра комуникација соседите, но и обезбедување на квалитет на животот и економски развој.
Компонентата се поддржува преку 40.5 милиони евра за период 2007-2009. Средствата ќе се искористат за четири приоритетни оски: 2 големи инфраструктурни проекти (Коридор 10 делница Демир Капија – Смоквица и Пречистителна станица за отпадни води во Прилеп); подготовка на проекти во делот на железницата (Студија за изводливост за модернизација на железницата) и техничка помош за подготовка на проекти.
Реализацијата на овие два проекта е значајна не само од аспект на искористување на средствата во ИПА Финансиската рамка 2007-2009, туку за потврда на капацитетите на Владата да реализира крупни инвестициски проекти, финансирани од ИПА (само за 2010 година, за инвестиции се предвидени 30 милиони евра), но и други донатори и меѓународни финансиски институции.
врати се на почеток

Компонента 4 – Развој на човечки ресурси
Компонентата за развој на човечки ресурси има за цел да ги поддржува земјите кандидатки во развојот на политики, како и во подготовката за спроведување и управување со кохезивната политика на Заедницата, особено во смисла на нивна подготовка за Европскиот социјален фонд (ЕСФ). Истата е во согласност со Европската стратегија за вработување и ревидираната Лисабонска стратегија и ги зема предвид целите на Заедницата на полето на вработувањето, социјалното вклучување, образование и обука, еднаквост на половите.
Приоритетите од компонентата 4 за развој на човечки ресурси се во согласност со регулативата за ЕСФ за 2007-2013: Зголемување на приспособливоста на работниците и на претпријатијата, особено доживотното учење, поттикнување на претприемништвото и услугите за поддршка во контекст на преструктурирањето. Зголемување на пристапот до вработување, спречување на невработеноста, особено со поттикнување на модернизацијата на институциите на пазарот на работна сила, спроведување на активни и превентивни политики и активности за зголемување на учеството на жените. Засилување на социјалното вклучување на луѓето од загрозените групи и борба против сите форми на дискриминација на пазарот на работна сила. Поттикнување партнерства и создавање мрежи на полето на вработувањето и социјалното вклучување. Проширување и подобрување на инвестирањето во човечки капитал, особено со поттикнување на реформи во системот на образование и системот на обука. Зајакнување на институционалниот капацитет и ефикасност на јавната администрација и јавните служби, социјалните партнери и релевантните невладини организации во вработувањето и социјалните области.
Приоритетите се, исто така, во согласност со целите од Лисабонската стратегија: забрзување на економскиот раст, охрабрување на иновациите и креирање на повеќе и подобри работни места.
Компонентата 4 се фокусира на три приоритетни области: вработување, образование и обука и социјална вклученост
Целта е да се привлечат и задржат повеќе лица во работен однос, да се модернизира системот за социјална заштита, да се зголемат инвестициите во човечкиот капитал за да се оствари поголем раст, креирање на подобри работни места и да се зголеми национална конкурентност на меѓународно ниво.
Приоритетните оски и мерки се следните: Приоритетната оска 1: Вработување: привлекување и задржување на повеќе лица во работен однос со: Мерка 1.1. Понатамошен развој на Агенцијата за вработување и подобрување на условите за вработување, Мерка 1.2. Поддршка на спроведувањето на Стратегијата за вработување и на Националниот акционен план за вработување, Мерка 1.3. Интегрирање на младите невработени, жените и подолго невработените лица на пазарот на труд, Мерка 1.4. Намалување на сивата економија преку изнаоѓање на начини за нејзина легализација; Приоритетна оска 2: Образование и обука – инвестирање во човечки капитал преку подобро образование и вештини со: Мерка 2.1. Модернизација на образовните системи и системите за обука, Мерка 2.2. Овозможување на достапност до квалитетно образование за етничките заедници и Мерка 2.3. Развивање на образованието за возрасни и доживотно учење. Приоритетна оска 3: Социјално вклучување – промовирање на пазар на трудот отворен за сите со: Мерка 3.1. Поддршка на процесот на социјална вклученост на ранливите групи на населението и изолираните зони, Мерка 3.2. Интегрирање на малцинствата и Мерка 3.3. Јакнење на релевантните чинители. Приоритетна оска 4: Техничката помош има за цел поуспешна реализација на предвидените активности и постигнување на саканите и предвидените цели, ефикасно следење, евалуација, администрирање на проектите и информирање. А средства кои ќе се користат за техничка помош на сите институции вклучени во овој процес се веќе испланирани. Воедно, оваа помош има за цел обучување и подготовка на нашите национални институции што поефикасно да ги користат средствата кои ќе стојат на располагање на нашата земја преку Европскиот социјален фонд.
врати се на почеток
Компонента 5 – Рурален развој 
Целите на компонентата за рурален развој се: подобрување на пазарната ефикасност и примена на стандардите на Унијата; да поддржи подготвителни активности за примена на агроеколошките мерки и локалните стратегии за рурален развој и да поттикне развој на руралните економии. Владата на Република Македонија иницијално ги определи следниве сектори како приоритети кои ќе бидат поддржани со ИПАРД:

•  месо и млеко,

•  овошје и зеленчук и

•  грозје и вино

Компонентата се однесува на следниве приоритетни оски:
Приоритетна оска 1 – Подобрување на конкурентност преку реструктурирање и воведување на стандардите на ЕУ: инвестиции на фарма и преработка и маркетинг
Приоритетна оска 2 – Диверзификација на економски активности во рурални средини: рурална диверзификација
 
Мерката инвестиции на фарма има за цел:

•  Модернизација на фарми;

•  Примена на стандардите на ЕУ (хигиена, заштита на животната средина, благосостојба на животните).

Корисници:
Индивидуални фарми, земјоделски кооперативи, правни лица кои се занимаваат со земјоделска дејност, кои ги исполнуваат минимум националните стандарди за активноста за која аплицираат и кои ќе прикажат зголемена економска одржливост на крај од инвестицијата
Поддршката се однесува за инвестиции во областа на лозарство и овоштарство, производство на зеленчук и одгледување на животни за производство на млеко и месо и за преработка/производство.
 
Мерката инвестиции во преработка и маркетинг има за цел:

• Подигнување на нивото на конкурентност во и на секторот,

• Примена на стандардите на ЕУ,

• Фокус на мали и средни претпријатија.

Корисници:
Земјоделски кооперативи и правни лица кои се занимаваат со земјоделска дејност (мали и средни претпријатија), кои ги исполнуваат минимум националните стандарди за активноста за која аплицираат и кои ќе прикажат зголемена економска одржливост на крајот од инвестицијата.
Поддршката се однесува за инвестиции во областа на производство на вино (само во делот на финализација), преработка на овошје и зеленчук, производство на млеко и млечни производи и кланици;
Мерката диверзификација на економски активности во рурални средини е отворена за индивидуални фарми, микропретпријатија, кои ги исполнуваат минимум националните стандарди за активноста за која аплицираат и кои ќе прикажат зголемена економска одржливост на крајот од инвестицијата. Поддршката се однесува за инвестиции во областа на рурален туризам, мали преработувачки капацитети на фарма за традиционални производи, занаетчиски дејности и услуги поврзани со земјоделството и руралната популација.
врати се на почеток
Стратегиска кохерентна рамка 
Стратегиската кохерентна рамка е стратегиски документ за национални инфраструктурани приоритети кој ги опфаќа компонентите на човечки ресурси и регионален развој; обезбедува концентрација на помошта околу ограничен број на приоритети и обезбедува конзистентност и надополнување помеѓу националните приоритети и приоритетите на Заедницата (МИПД) и различните оперативни програми за двете компоненти.
Целта на Стратегиската кохерентна рамка 2007-2013 е да придонесе кон:

• Проширување и подобрување на транспортната инфраструктура,

•  Подобрување на придонесот на животната средина за економски раст и новите работни места,

•  Олеснување на иновацијата и промовирање на претприемништвото,

•  Привлекување и задржување на повеќе лица на работните места и модернизирање на системите за социјална заштита,

•  Зголемено инвестирање во човековиот капитал преку подобро образование и вештини.

 
Извор www.sep.gov.mk
Секретаријат за европски прашања (СЕП) при Влада на РМ
врати се на почеток

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

I accept the Privacy Policy