Во општината Егалео, Грција, на 2 и 3 декември се одржа работна средба во рамките на проектот „Padrion“, финансиран преку програмата Interreg IPA, на кој учествуваа претставници од Центарот за развој на Скопскиот плански регион како еден од 9-те партнерски организации од Јонско-јадранскиот регион.
Настанот ги обедини проектните партнери од повеќе земји, со цел да продолжат со заедничка работа на дефинирање, анализирање и развивање алатки што ќе одговорат на реалните потреби на корисниците за дигитална трансформација.
Учесниците од ЦРСПР работеа во тематска група заедно со партнерите од Пјаченца, Италија. Целта беше да се идентификуваат заедничките точки и потребите што произлегуваат од различните контексти и партнери во однос на дигиталните предизвици на жените. Ова овозможува да се креира заедничка мапа на проблеми и приоритети што ќе бидат основа за понатамошен развој на проектните алатки, како и за подготовка на Локална дигитална агенда.
Средбата даде јасен преглед на тоа кој партнер што може да придонесе во различните фази од работата, како и кои ресурси се потребни за успешно финализирање на дефинираните решенија.
Организатори беа Општина Егалео и ASDA кои обезбедија вмрежување помеѓу партнерските организации од Италија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Грција и Северна-Македонија.






No comment yet, add your voice below!