Денеска Центарот за развој на Скопски плански регион, одржа работна средба со АМЦМ и здружението „На точак” со цел информирање, вмрежување и споделување на резултатите од Извештајот „Процена на безбедноста на велосипедската инфраструктура во Скопскиот плански регион” и запознавање со проектот CYCLERAP. Извештајот претставува корисен инструмент за имплементација од страна на општините, за безбедносна проценка при плановите за идната сообраќајно-поврзувачка, вело-инфраструктура. На состанокот од страна на претставниците на проектниот тим од АМЦМ Г-ѓа Благица Станоевиќ Блажевски и од здружението „На точак”, Г-дин Дарко Арсовски Петровски беа презентирани резултатите од проценката на безбедноста во велосипедскиот сообраќај, целите на проектот, мерките и иницијативите во насока на поинтензивна соработка со општините. Центарот за развој како долгогодишен партнер и сервис на општините во инфраструктурните планови за развој и реализација на низа корисни проекти, продолжува да работи во остварување на визијата за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во регионот, на сите нивоа. Директорката Г-ѓа Розета Арсковска ја поздрави иницијативата и предложи Меморандум за соработка, како и настан за информирање на сите засегнати чинители, особено на општините како најдобри познавачи и прв контакт или „врата” за потребите на граѓаните.
No comment yet, add your voice below!